Мила Царовска: Пензиите пораснаа за 722 денари

Јануарските пензии, кои ќе ги добијат овој месец 324 000 корисници во земјава, се зголемени за 722 денари. Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска на прес-конференција рече дека покачувањето се должи на стабилизација на пензискиот систем во изминатите две години, реформа со која, како што рече, се заштедени повеќе од 3,7 милијарди денари.

-Но, секако, покачувањето се базира и на приходите кои се зголемија кај работоспособното население и минималната плата која само во минатата година се зголеми за 15 отсто, а просечната плата за 5 проценти. Законски се утврди трето дополнително усогласување на пензиите во нашата држава за сите пензионери со зголемувања од пет проценти вкупно. Со ова добиваме просечната пензија оваа година да изнесува 15.500, а за две и пол години таа пораснала за 1.746 денари, рече Царовска.

Додаде дека за мерката за субвенционирање на придонесите за раст на платите Владата издвоила 2,4 милијарди денари во буџетот на МТСП наменети за пензискиот и за здравствениот фонд.

Царовска одговори дека покачувањето не е популизам пред избори туку се должи на позитивните показатели од реформата за стабилизирање на пензискиот систем. Резултатите биле видливи во јуни и тогаш, како што нагласи „далеку од изборите“, утврдиле дека по сите параметри пензионерите со новиот буџет може да добијат покачување до нивото на раст на просечната плата.

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи соопшти дека во земјава има околу 580 илјади осигуреници, а соодносот е 1,8 вработени на еден пензионер. Царовска додаде дека Фонд може да достигне нула дефицит односно да биде целосно самоодржлив само кога соодносот би бил еден пензионер на тројца вработени.Смета дека сегашниот дефицит може да се преполови и да се постигне постабилна состојба од сегашната ако понатаму се работи на придонесите и на бројот на вработени во реалниот сектор.

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова ја поздрави одлуката и рече дека со зголемувањето се подига вредноста на просечната пензија во државата.

-Зголемувањето им оди во прилог најмногу на корисници што примаат до просечниот износ на пензија, а тоа се околу половина од вкупниот број на пензионери, рече Трајкова. Во оваа пригода таа побара и проширување на позитивната листа на лекови зашто плаќањето лекови што не се на листата негативно се одразува на пензионерскиот буџет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

RSS
Twitter