Драма во Кочани: Им се јавиле дека пациентката починала, отишле да го земат телото, а кога стигнале пред болницата им кажале дека е жива


Семејство од Кочани добиле известување дека починала жена од нивното семејство, ги известиле роднините и го спремиле погребот, а кога утредента отишле да го подигнат телото од болницата им кажале дека жената е жива.

„Мојата 58-годишна мајка има прележано два мозочни удари и поради влошување на здравствената состојба побаравме итна медицинска помош, по што ја однесоа во болницата. Вечерта ни јавија дека починала, поради што ги известивме роднините и пријателите, купивме погребна опрема, обезбедивме гробно место и испечативме некролози. Утредента кога отидовме да ја земеме од болницата ни рекоа да почекаме додека најдат на кое одделение починала. Ја најдовме на интерно, но нè известија дека е жива“,

изјави синот Благојче Дончев.
Од Општата болница во Кочани го потврдија случајот за кој веќе е спроведена внатрешна контрола, по што е повикана и полицијата.

„Во тек е истрага за случајот. Претпладнево вработени во болницата се повикани да дадат исказ во полициска станица. Истрагата треба да ги открие виновниците“,

истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница Кочани.
Од семејството Дончеви рекоа дека очекуваат соодветни санкции за сите вклучени во случајот, а поради состојбата со коронавирусот не можат да ја посетат мајка си, па сите информации за нејзината здравствена состојба ги добиваат преку матичниот лекар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

RSS
Twitter